Home » , , , , » Comic Sans (2018) [Рецензија]

Comic Sans (2018) [Рецензија]

 “Dirljiva mi je ova scena našeg zbližavanja” -Bruno (Zlatko Burić)

Во последните осум години Навио Марасовиќ (Navio Marasović) се етаблираше како еден од попродуктивните режисери на балканските простори, а во овој филм освен за режија се потпишува и за сценарио. Имено овој филм е навистина добра комедија во поновата хрватска кинематографија, со доста добри дијалози и јасно претставени ликови кои имаат јасна цел и голема мотивација да го направат тоа што го наумиле. 


Comic Sans обработува како главна тема криза на еден триесетгодишен графички дизајнер, Алан Деспот (Јанко Поповиќ Волариќ / Janko Popović Volarić)  кој ниже успеси на професионален план.
Воведниот дел на филмот е сместен во урбана средина на Загреб но еден емотивен поттик е причината која ја отвара пандорината кутија на несредени чувства и нејасните животни цели на графичкиот дизајнер. Имено Алан повторно започнува од почеток да воспостави врска со поранешната девојка (Наташа Јањиќ/ Nataša Janjić) со која очигледно не му било добро во врската, а таа сеуште не го сака назад.  Осаменоста и одбивањето го доведуваат до точка на топење на неговата емоционална незрелост и несигурност поради што почнува да бара утеха во алкохолот,  кокаинот и сексот со ќерки на неговите колеги од работа. Во ликот на Алан, особено кога зборува со загрижената мајка (Алма Прица / Alma Prica), Марасовиќ и Поповиќ Волариќ го претставуваат синдромот на возрасните тинејџери.



По поттик на мајката, Алан одлучува да замине во семејната куќа на Вис со таткото (Златко Буриќ / Zlatko Burić) со кој нема близок однос ниту стил на животот.  Централниот дел на приказната е нивниот престој на островот каде што се обидуваат да средат погреб за некои нивни стари познаници и тука во овој дел доминира односот татко и син како и разликите и сличностите кои ги поврзуваат.  Во овој план идеално е претставен уметничкиот афинитет на двата ликови кои кај таткото го отцртуваат во класичен и скоро романтичарски уметник, сликар, додека синот во многу попрактична варијанта на графички дизајнер.  И додека тој избегнува да биде се тоа што е неговиот татко, тоа што тој навистина го прави е репродукција на однесувањето на неговиот татко.

Самиот Буриќ е толку природен што неговиот лик најмногу доминира низ целиот филм, дури и тогаш кога не е во центарот на вниманието, тој го носи дејствието, додека Волариќ доста добро изнесе лик на модерен триесетгодишен дизајнер во криза па дури и во моменти кога се носи со поприлично стереотипични хумористични сцени. 



Приказната за несредените семејни односи се надополнува со некои стари и нови ликови кои ја отежнуваат маката на главниот јунак, а притоа настаните не одат во насока на разрешување или било какво подобрување, туку прифаќање на тоа какви што тие навистина се.

Филмот во целост е пренесен во еден пријатен хумористичен тон, а исто така целиот филм доста успешно е поткрепен и со совршениот избор на музика.


                                               Александар Арсовски | Филмска анализа

0 comments:

Post a Comment

Facebook страница

Режисер

Powered by Blogger.
 
Copyright © 2015 Филмска анализа
Blogger Templates