Home » , , , » Django Unchained (2012) [Рецензија]

Django Unchained (2012) [Рецензија]

„I like the way you die, boy“ -Django

Квентитн Тарантино (Quentin Tarantino) е филмски работник чии филмови или ги обожавате или ги мразите. После неверојатниот Inglouriuos Bastards, како и повеќето негови филмови, имав големи очекувања за овој проект, и Тарантино воопшто не ме разочара. Со своите пет номинации и освоени два Оскари, „Django Unchained“ со право се смета за еден од најдобрите филмови во 2012 година.

Филмот е сместен во време пред граѓанската војна и ни го прикажува Џанго (Jamie Foxx) кој со неколку сопатници е врзан во ланци со намера да биде продаден на пазар за робови. Него го ослободува еден навистина интересен забар, доктор Шулц (Christoph Waltz), ловец на глави кој сака Џанго да му помогне во потрагата за тројцата браќа чии што глави се веќе проценети. После успешната мисија Џанго и докторот Шулц стануваат многу добри пријатели и одлучуваат да ја ослободат сопругата на Џанго која се наоѓа под сопствеништво на немилосрдниот Келвин Кенди (Leonardo DiCaprio), кој е робовласник и сопственик на голем имот. Со самото доаѓање на Џанго и Шулц тие сфаќаат дека ова нема да биде воопшто лесна задача.

После три часа поголемиот дел од нас гледачите приметуваме дека филмот е многу забавен, интересен и брутален кој сепак не е нешто најдобро од страна на Тарантино. Сценариото е квалитетно напишано кое е инспирирано од старите вестерн филмови, жанр од кој овој режисер бил инспириран во младоста и кој сега полека изумира. Но сега овој жанр со овој филм како да доби нов облик и повторно будење. Со додавањето на карактеристики од други филмови како што се старите азиски акциони филмови и крвопролевања карактеристични за хорор филмовите, но и со добра музика се создава едена подврста на вестер филмовите. Проектот има неколку недостатоци, постојат неколку критики кои се однесуваат на должината на филмот и повременото развлекување на самото дејствие, но генерално поголемиот дел од реакциите на гледачите беа повеќе од позитивни. Акцентот на овој филм е фрлен на расната нетрпеливост и злоставување, овој пат црнец во традиционално јужначко друштво во САД, а со ваква слична тематика авторот се занимаваше и во неговиот претходен филм.


Главната карактеристика на овој режисер е насилството кое можеме да го забележиме во голема мера во овој проект. Постојат голем број на насилни, напнати и брутални сцени кои поединци нема да ги остават рамнодушни бидејќи се тешки за гледање, но пак фановите на Транатино ќе бидат одушевени и вез нив ќе остане силен впечаток. Со самото гледање на филмот и самите ќе заклучите дека филмот ќе заврши со голема крвава сцена. Тарантино е мајстор за напнати и неизвесни дијалози, имено неколку пати филмот го достигнува неговиот врв во смисла „Еве сега ќе биде крајот“ и потоа повторно продолжува нова сцена, ова поединци го сметаат за минус.

Вниманието во целост го освои Кристоф Волц во улога која е дијаметрално спротивна во однос на онаа која му го донесе првиот Оскар. Од страшен негативец тој станува харизматичен и крајно симпатичен лик чија што работа воопшто не ја смалува неговата позитивност. Тој беше навистина убедлив и сосема заслужено го доби и неговиот втор оскар во неговата кариера. Најверојатно планот бил акцентот во филмот да биде на ликот кој го глуми Џејми Фокс, но Волц во целост го краде целиот филм.  Исто така вреди и да ги споменеме и Леонардо ДиКаприо (Leonardo DiCaprio) и фантастичниот Семјуел Л. Џексон (Samuel L. Jackson) во улогата на главен советник на робовладетелот Кенди.



Доколку сте фан на делата од Тарантино тогаш овој филм нема да ве разочара. Клавната карактеристика на овој филм е тоа што се занимава со темата за расизам и ропството на еден сосема нов забавен но брутален и уверлив начин.



Александар Арсовски | Филмска Анализа

0 comments:

Post a Comment

Facebook страница

Режисер

Powered by Blogger.
 
Copyright © 2015 Филмска анализа
Blogger Templates