Home » , , , , , » The Danish Girl (2015) [Рецензија]

The Danish Girl (2015) [Рецензија]

Einar Wegener: I think Lili's thoughts, I dream her dreams. She was always there.

Филмот The Danish Girl е биографска приказна за првата позната трансродова личност Лили Елбе (Lili Elbe), а настанат е според основата од нејзините мемоари.

Копенхаген 1926 година. Го следниме младиот брачен пар, сликарот Аинар (Eddie Redmayne) и Грета (Alicia Vikander). Аинар е популарен локален сликар а неговите пејсажи имаат свои муштерии. Грета слика портрети, актови, но иако има талент, таа безуспешно го нуди на трговците.  „Би можело од тебе да биде нешто, но само доколку пронајдеш адекватна тема за сликање“ така гласеше и една од репликите која се однесуваше на нејзините слики, на тоа дека немаат некаква вредност која би можела да ги заинтересира пребирливите колекционери.
Имено, Аниар и Грета имаат пријатен брак, тие исто така многу се популарни во друштвото поради својата екстравагантност и слободниот хумор, така што од чиста радозналот а и поради тоа што доцни моделот, Грета му предлага на својот маж да и позира во женски хулахопки и нараквици но исто така и да си префрли женски фустан на себе. Од тие ноншалантни игри се раѓа Лили Елбе. Грета реализира цела низа на актови и портрета на новонастанатата Лили, кои постигнуваат успех и ја воздигнуваат нејзината кариера. Проблем е тоа што Лили полека го зазима ликот на нејзиниот сопруг и ја истиснува личноста на Аинар.
На почетокот Грета не дава многу значење на отворениот фетишизам на Аинар кон нејзината прекрасна спаваќа, бидејќи се функционира најнормално во нивните сексуални односи се до моментот кога случајно ќе го види бакнежот помеѓу него и младиот уметник Хенрик (Ben Whishaw). Аниар постепено се повлекува во себе, чувствувајќи се заробен во тело на маж, додека Грета е свесна дека го губи својот маж па бара решение за неговиот проблем. Покрај низата на лоши дијагнози со кои радо би го фрлиле нејзниот сопруг во лудница, наидува на Нилс (Henry Pettigrew) неговиот пријател од детинството кој и ја нуди својата помош.

Младиот Хенрик откако приметува дека Лили ги фати заедно додека гледала од прозорецот, тој почнува да зборува за плодови кои имаат магични можности, за тоа дека ако изедеш еден од нив може да бидеш некој друг само за еден ден, да се ослободиш од оковите. Хенрик во Лили почувствува дека има некаква сличност, тајни и изгубеност, па неговата приказна е еден вид на повик заедно да бидат еден свет, да бидат тоа што сакаат. Ова е една од најубавите сцени во филмот која е со неочекувани различни видови на емиции кои може да се каже дека ги шамараат овие два лика. 
Еди Редмејн во своите интервјуа имаше изјавено за тоа колку само детално работел на градењето на овој вид на улога. Посетувал трансродови личности, ги набљудувал нивните движења а исто така на режисерот му предложил полека да се воведува и неговата феминистичка страна. Но според мене, Еди уште од самиот почеток е изразито феминизиран, но доколку се занемари овој факт, тој совршено делува како човек заробен во машко тело. Неговите движења на рацете, грациозноста, погледите, позирањето, сето тоа е една одлична актерска трансформација.

Алисија Викандер заслужено заедно со Еди Редмејн беше номинирана за Златен Глобус (номинирана беше и за филмот Ex Machina). Таа во улогата на Грета игра алфа женско. Таа е најголемата поткрепа на Аинар, секогаш е тука за при секој негов пат да го подигне.  Таа дури во еден момент и констатира дека сака машки кои се потчинуваат на женскиот поглед.  Таа е ранлива, чувствителна, искрена, воопшто не е посесивно љубоморна и дури на моменти е и целосно изгубена. Нејзе и е потребна искрена љубов, машко внимание и нежност, но сето тоа го губи кога Лили е тука, па затоа и го воведува ликот на пријателот на Аинар од детинството, како еден вид на рамо за плачење но и биолошка потреба со машко. Алисија со своите карактеристички крупни костенести очи му подари на ликот огромна раскошност.  
За самиот филм не може а да не се спомене дека има неверојатна фотографија. Особено четирите голи дрва кои се појавуваат на самиот почеток на филмот кои Аинар ги довршува на своето платно кои се на едно место крај мочуриште и како ветерот си поигрува со нив. Освен фотографијата направен е и одличен избор на музика но и прекрасна костимографија. 
Целиот ентериер во филмот е минималистички каде што е застапена бледа сина боја на ниво на рускиот филмски класицизам. Некои сцени се снимени од долна/жабја перспектива, најчесто од кревет, снимки од таванот, таков стил на снимање за прв пат имало во Граѓанинот Кејн (Citizen Kane) во режија на Орсон Велс (Orson Welles). Прекрасно е и тоа што се појавува панорама на Копенхаген па тоа дополнително влијае на нашите романтичарски души. 

Ова е еден прекрасен филм кој се надевам дека ќе ви ги прошири видиците и ќе се запознаете подобро со трансродовите личности бидејќи секако дека секој заслужува право на борба за својот интегритет, идентитет и целосно изразување. 

0 comments:

Post a Comment

Facebook страница

Режисер

Powered by Blogger.
 
Copyright © 2015 Филмска анализа
Blogger Templates