Home » , , , , » Guardians of the Galaxy Vol. 2 [Рецензија] (2017)

Guardians of the Galaxy Vol. 2 [Рецензија] (2017)

Yondu: He may have been your father, boy, but he wasn't your daddy.

Чуварите после спасувањето на Галаксијата стануваат толку популарни што разни цивилизации ги ангажирале за решавање на проблемите со кои се соочуваат.  Таков е случајот со расата Суверени која ги ангажира за да ги чиваат батериите кои се со непроценлива вредност од чудовиште кое сака да им ги земе.  Меѓутоа расата Суверени е составена од голем  број на вообразени ликови, така што доаѓа до некои незгодни ситуации.  Покрај сето тоа, Рокет на заминување „позајмува“ неколку батерии, така што токму оваа раса сега им станува непријател па чуварите пробуваат да побегнат од нив.  Во моментот кога изгледа дека нема излез од ситуацијата на помош пристигнува еден непознат сојузник. Од тогаш веќе нема ништо да биде исто.
Чуварите повторно се вратија и сега повторно се спасува галаксијата. Повторно се запознаваме со ликовите, со нови планети, раси, технологии и се останато. Насегаде има акција, бои и  разни звуци, така што се е на врвно ниво. Можеме да кажеме дека Џејмс Ган (James Gunn) повторно направи уште еден блокбастер, спектакуларна спејс опера. Овој филм зборува за семејството и за тоа што всушност тоа претставува. 

Со секоја следна сцена од филмот нашите очи едноставно доживуваат нови спектакуларни глетки. Се е доведено до уметничко и техничко совршенство. Точно е дека во прашање се ефекти но истите за да се направат до овој степен мора да бидеш уметник и креатор, а режисерот Ган потврди дека е навистина голем уметник. 

Музичката нумера  Awesome Mix Vol.2  растура во буквална смисла. Токму таа како и во  првиот дел е причината што го прави овој филм волшебен.  Не се во прашање само познатитте хитови кои се на листата туку и нивното користење. Необичната комбинација на музиката со тоа што се случува на екранот на прв поглед изгледа дека воопшто не е спојливо но напротив се добива вистинско уживање. 

Самата приказна е интересна, брза и забавна. Тоа што нема да ви недостасува во овој филм е акцијата и авантурата кои ги има во доволна количина.  Чуварите не би биле тоа што се ако се фокусираат само на блокбастерски стил. Подеднакво важен дел за овој филм е и одличниот хумор.  Во овој дел хуморот го има во поголема количина за разлика од првиот дел, и добро е што ова не е обичен хумор, туку квалитетен кој произлегува од интеракција на самите ликови.  Така што за време на овој филм освен уживањето во визуелните ефекти, ќе уживате и во добриот хумор, па така што насмевката нема да ви се симне од лице за време на целиот филм. 

Што се однесува до ликовите овде ги има премногу и е многу потешко да се каже кој е најдобар. Големата екипа со себе носи голем ризик сето тоа да се претвори во општ хаос.  Често знае да се случи некои од ликовите да не добијат доволно простор па остануваат неискористени, додека пак некои добиваат премногу па целиот филм се врти околу нив.  Но во овој филм секој лик има доволно време за да може да се развие и да ја добие својата трансформација. 

Режисерот има претставено толку многу ликови истовремено и сите тие паралелно се откриваат, а ние имаме јасен увид на се што се случува. Можеме да видиме какви се одвнатре, која е нивната мана, нивното минато, нивната цел, желби и слично.   Овој тип на претставување на ликови потсетува на оригиналната трилогија Војна на ѕвездите каде што исто има многу ликови кои се појавуваат истовремено. 

Што се однесува до актерската екипа не можеме да издвоиме некој кој е навистина супер, бидејќи тоа е невозможно.  Сите се на врвно ниво. Покрај стандардната петорка би го издвоил и Michael Rooker во улогата на Јонду. Тука тој има повеќе простор и одлично го користи играјќи исклучително важна улога за самата суштина на приказната. Освен тој има уште еден лик кој е важен и доби доволно простор, а се работи за Небула која ја игра Karen Gillan

Има уште многу ликови кои вреди да се спомнат но подобро е сами да ги запознаете додека ќе го гледате филмот, а сега само на кратко ќе го спомнам и Грут кој сега во овој дел е само петнаесетина сентиметри висок и е во форма на бебе-дрво, но повторно со својот шарм не води низ целиот филм. 


Александар Арсовски | Филмска анализа

0 comments:

Post a Comment

Facebook страница

Powered by Blogger.

Архива

 
Copyright © 2015 Филмска анализа
Blogger Templates