Home » , , , » American Beauty (1999) [Рецензија]

American Beauty (1999) [Рецензија]


Не мислам дека има нешто полошо од тоа да се биде обичен човек.
Американска убавина е филм кој собра пет оскари и дојде до топ 60 листата на IMDb, иако факт е дека критичката маса не беше премногу задоволна од овој филм.
Sam Mendes, денес веќе познат режисер, а тогаш дебитант кој тукушто преминал од театар на филм, ни носи врвна драма, трагикомедија која има клишеа повеќе отколку што би требало, но одличното сценарио на Alan Ball, ги има склопено толку добро да еден просечен гледач не ги примети и не ги сфати како минус.

Главен протагонист на филмот е Лестер Бурнхам (Kevin Spacey),  средновечен службеник кој почнува да открива незадоволство во својот идиличен, монотон живот на еден добро поставен семеен човек од предградието. Неговата сопруга Керолин (Annette Bening) е опседната со работата и полека се одтргнува од својот сопруг, додека ќерката Џејн (Thora Birch) е како и секој просечен тинејџер во САД кој ги мрази своите родители.   Пресвртот во неговиот живот се случува кога ја запознава Ангела Хејс (Mena Suvari), школската пријателка на неговата ќерка, која ќе биде приччина за големите промени во неговиот живот. Лестер ќе даде отказ и ќе се започне да се однесува како неодговорен дваесетгодинишник.  Таквите промени полека се одразуваат и на остатокот од семејството. Ќерката започнува врска со новиот комшија Рики (Wes Bentley), кој е молчелив дилер под немилосрдноста на неговиот татко маринец (Chris Cooper), додека пак сопругата на Ластер, Керолин започнува тајна љубовна афера со својот конкурент од работа (Peter Gallagher).



На луѓето во американската средна класа секој ден им изгледа исто. Работа, куќа, спиење, за викенд по некоја утакмица, додека домаќинките се занимаваат со трачеви и сплетки. Токму и во такво друштво се скриени табуата, поради тоа што дури и за некоја најмала ситница некој да се разликува од останатите може многу лесно да се забележи и мора ефикасно да биде скриена.  Мендес одбрал одлична околина како потпора за овој негов филм и темата со која се занимава многу лесно ги заинтересирува гледачите, притоа создавајќи впечаток дека тие се всушност наши соседи, тие се луѓе со проблеми и потенцијални извршители на кривични дела.



Овој амбициозен проект функционира на сите нивоа, но критичарите замеруваат дека содржи многу клишеа во однос на ситуациите или ликовите кои и претходно се видени повеќе пати, што и до некаде може да се признае. Постојат доста филмови во кои машкиот лик добива криза во средните години и започнува да заведува млади девојки, додека пак сопругата е целосно забегана, или во кои строго воено лице пред комшиите крие голема тајна.  Како друга замерка е во однос на исфорсираниот завршеток во однос на дијалогот.

Пред се, Американска убавина е одлична критика на американската малограѓанштина, потрошувачкото друштво и идиличниот живот во предградието.  Цело време носи порака како секој човек мора да се избори да биде тоа што сака да биде  и неговиот став во однос на животот да биде лично негов. Токму поради тоа како главна дема е земена хомосексуалноста т.е луѓе кои поради својата природа треба да се кријат и со самото тоа да направат проблеми на самите себе или на нивната околина.  Додека пак еден голем плус за филмот е одличната изграденост на ликовите.

Секој лик е прикажан со најдлабоки мисли и чувства, многу лесно се создава чувство на уверливост и вистинитост и ефикасно се прикажува темната страна на човековата природа. Во филмот освен прекрасниот дијалог кој најизменично се менува од комичен на трагичен правец, се појавува и добар црн хумор токму таму каде што и треба и смее да се користи. Режисерот Сем Мендес не остава впечаток дека ова му е дебитантски филм туку сосма напротив.



Кевин Спејси е маестрален во улогата на Лестер, антипатичен егоцентрик. Од неговиот перформанс гледачот почнува да се сочувствува со неговиот лик иако сме свесни каква личност е.  Спејси заслужено зема Оскар и бројни други награди.

Американска убавина е одлична критика на современите друштва со одлично напишани и веќе видени ликови и ситуации.  Љубителите на драми не би требало да го испуштат ова дело.

"I feel like I've been in a coma for the past twenty years.
And I'm just now waking up." - Lester Burnham




0 comments:

Post a Comment

Facebook страница

Режисер

Powered by Blogger.
 
Copyright © 2015 Филмска анализа
Blogger Templates